Внимавајте на секое дете во сообраќајот, како да е ваше!
Недоволната зрелост на децата и нивното скромно животно искуство, за жал укажува на фактот дека децата се една од најзагрозените категории на учесници во сообраќајот.
Токму од тие причини, унапредувањето на сообраќајното образование и воспитувањето на децата да бидат внимателни самостојни учесници во сообраќајот, останува примарна цел во фунционирањето на современите општествени системи.
Едновремено, со оваа тенденција, останува на „сила” и секојдневното подигнување на свеста и зајакнувањето на сообраќајната култура кај сите учесници во сообраќајот, а пред се кај возачите кога се во близина на основните, средните училишта и градинките.
Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот, уште еднаш ги потсетува возачите на секојдневната пракса во која децата неочекувано истрчуваат на улица и на податокот дека во зона на училишта брзината на движење е ограничена на 30 километри на час.
На родителите им укажува на правилата кои значат безбеден нивен превоз и на нивните сопатници! Имено, на предното седиште не смеат да се возат деца помлади од 12 години. Без разлика дали се работи за возење на предно или задно седиште, секој патник во возилото мора да биде врзан со сигурносен појас. За деца помлади од 3 години задолжително е користење на безбедносно седиште. Дури и кога возењето трае кратко, секогаш бидете заштитетни, вие и ваште сопатници.
Доколку ги придружуваат своите деца на патот до училиштето, пожелно е родителите да разговараат со нив за сообраќајните правила кои мора да ги почитуваат доколку преминуваат улица или пак се движат во близина на колозвозот. Не е доволно само да му кажат на своето дете „Внимавај преку улица”, туку и да му укажат како треба да се однесува како учесник во сообраќајот, без притоа сообраќајот да го доживува како непријател од кој треба да се плаши!
За вашите малечки да бидат безбедни, морате и вие да со свои примери да им покажете дека ги почитувате сообраќајните правила и прописи.
Републичкиот совет, на децата кои одат во училиште пешки, им советува да користат безбедни пешачки рути и секогаш да се движат по тротоар. За поминување на улицата секогаш да користат обележани пешачки премини, така што прво ќе погледнат лево и десно, па повторно лево, пред да зачекорат на улица. Доколку постои семафор, тогаш секогаш да поминуваат на зелено за пешаци. Никогаш да не трчаат кога преминуваат улица! Да внимаваат дали сите автомобили поминале или застанале!
Во урбана средина треба да се движат по тротоар или патека за пешаци. Доколку ја нема, тогаш треба да се движат по левата страна на улицата, за да бидат видливи за возачите кои им доаѓаат во средба.
РСБСБ им препорачува на учениците, кога излегуваат од автобус секогаш да сочекаат автобусот да тргне, па дури тогаш да ја преминат улицата, без истрчување на улицата од зад него.
И исклучително е важно, никогаш да не излегуваат на улица, меѓу паркирани автомобили, бидејќи се пониски од нив и возачите не можат да ги забележат пред да излезат на патот.
Убавото и културно однесување на младите во градскиот сообраќај, се гледа низ гестови како што се отстапување на место на повозрасни лица, трудниците и слично во автобус, помош при поминување на улица на немоќни лица..
Затоа, почитувани, родители со заеднички сили и напори, да им помогнеме на нашите најмлади, да станат самосвесни, воспитани и безбедни самостојни учесници во сообраќајот!
А вие уважени возачи на автомобили, внимавајте на секое дете во сообраќајот, како да е ваше!