Училишни сообраќајни единици за побезбеден сообраќај
Со поддршка на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, МВР, ОСБСП и локалната самоуправа се формираат училишни сообраќајни единици составени од ученици од основните и средните училишта. Веќе се промовирани Училишните сообраќајни единици во општина Центар и истите се ставени во функција на унапредување на безбедноста на патниот сообраќај, а во наредниот период ќе се формираат Училишни сообраќајни единици и во општините Куманово, Битола, Струмица и Македонска Каменица.
Целта на оваа акција е поголема едукација на децата и нивна активна партиципација во напорите за креирање на средина безбедна за движење. Во прв план, Училишните сообраќајни единици ќе бидат насочени кон креирање на безбедни училишни зони, а понатаму ќе учествуваат и во останати активности со цел побезбеден сообраќај.
Имено, членовите на Училишните сообраќајни единици со прeтставниците на Министерството за внатрешни работи ќе учествуваат во активности за регулирање на сообраќајот и предупредување на неодговорните учесници во сообраќајот.
Учениците од основните и средните училишта ги сочинуваат Училишните сообраќајни единици кои ќе имаат за задача превентивно да дејствуваат и да ги едуцираат учесниците во сообраќајот за последиците од неодговорното учество во сообраќајот. Минатата година беше ставена во функција првата Училишна сообраќајна единица составена од ученици од АСУЦ „ Боро Петрушевски“ – Скопје и тие претставуваат позитивен пример кој треба да биде следен од сите ученици, од сите училишта, од сите учесници во сообраќајот и кој треба да биде поддржан од граѓаните и на тој начин сите да го дадат својот придонес за побезбеден сообраќај.
Формирањето и функционирањето на училишните сообраќајни единици претставува чекор напред кон унапредување на сообраќајно превентивното дејствување. Придобивките од училишните сообраќајни единици се повеќекратни. Имено од една страна тие ќе претставуваат подршка во работата на сообраќајната полиција во делот на управување и контрола на сообраќајот, од друга страна ќе дејствуваат превентивно во насока на информирање, едукација и подигање на јавната свест за одговорно учество во сообраќајот а исто така училишните сообраќајни единици ќе значат и практична едукација и унапредување на знаењата и капацитетите на ученицит, членови на Училишните сообраќајни единици.