Дечињата секојдневно одат на училиште – внимавајте на нив во сообраќајот!
Возете внимателно - дечињата секојднево одат на училиште! - е пораката која Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата ја испраќа до возачите.
Учебната година е во тек и децата секојдневно се активни учесници во сообраќајот. Родителска и хумана обврска на секој поединец и на сите надлежни субјекти е да се преземат сите неопходни мерки кои стојат на располагање, со цел да ги заштитиме децата од повреди и загуби во сообраќајот.
РСБСП со неколку важни совети на кои што секој учесник во сообраќајот треба да внимава и да се придржува:
- Кога ќе видите знак „училиште", задолжително намалете ја брзината.
- Посветете внимание на движењето на децата во близина на патот и училиштето.
- Посебно бидете внимателни на пешачки премин. Намалете ја брзината навреме и навремено застанете и пропуштете ги пешаците. Особено внимавајте на децата.
- Возачите секогаш треба да имаат на ум дека децата не размислуваат за опасностите на патот. Запомнете дека тие не се во состојба да ја проценат брзината со која се движат возилата.
- Секогаш држете безбедно растојание помеѓу возилата и бидете предвидливи во однесувањето во сообраќајот. На тој начин ќе придонесете за поголема безбедност на сите учесници во сообраќајот, вклучително и децата.
- Однесувајте се дефанзивно во сообраќајот. Затоа што само на тој начин ќе бидете во состојба да ги предвидете опасностите во сообраќајот и навремено да реагирате. Оваа е посебно важно кога возите во близина на училиште или градинка.
- Во близина на училиште или градинка внимателно одберете каде ќе го паркирате возилото. Паркирањето на тротоар или пешачки премин го попречува движењето на децата, ги насочува децата кон улицата и коловозот и на тој начин всушност директно ја загрозувате безбедноста на децата во сообраќајот. Исто така, неправилното паркирање ги прави децата невидливи помеѓу возилата и нивното преминување на улица го прави крајно опасно.
- На пристапи кон училиштата или градинките бидете двојно повнимателни.
- Намалете ја брзината и следете го внимателно движењето на децата во околината на улицата. Секогаш имајте на ум дека децата се крајно непредвидливи и може во секој момент да се одлучат да ја претрчаат улицата.
- Секогаш кога го превезувате вашето дете, користете детско седиште или безбедносен појас. Така вашето дете ќе биде заштитено во случај на сообраќајна незгода.
- Во близина на училиште или градинка бидете особено фокусиран и концентриран возач. Не користете мобилен телефон или други помагала кои ви го одземаат вниманието.
Покрај тоа, секој родител има обврска да го информира и запознае детето со основните правила и прописи во сообраќајот: каде треба да се движи и како да ја помине улицата, како да користи јавен превоз (доколку го користи), кој е најбезбедниот пат од дома до училиште и обратно и кои се најголемите закани за децата во сообраќајот.
Децата учат брзо, ги слушаат советите на своите најблиски, но исто така го следат и нивниот пример. Затоа, бидете позитивен пример кога пешачите, кога возите велосипед, мотор или автомобил, бидејки на тој начин се заштитувате самите себе, но ги заштитувате и своите најмили и ги учите на навики и култура во сообраќајот која ќе ги чува цел живот од несакани случувања и од тешки последици во сообраќајот.
Биди внимателен возач, вози и чувај го секое дете на улицата како да е твое!